Влажните петна по таваните, капките од кондензација, појавата на мувла и зголемените топлински загуби се само дел од долгиот список на проблеми кои најчесто настануваат како резултат на неправилно проектирани и изведени рамни покриви. Иако на прв поглед покривот изгледа како едноставен конструктивен елемент, во пракса тој е еден од најизложените делови на објектот.
Покривите се постојано изложени на сонце, големи температурни разлики, дожд, снег, ветер и механички влијанија. Затоа постои едно основно правило: покривот мора да биде изграден со соодветни материјали и системи кои ќе обезбедат долготрајна заштита од сите атмосферски влијанија.
Покривот како заштитна обвивка
Како и облеката што ја носиме, и зградата мора да биде „облечена“ правилно. Лесна и пропустлива во лето, а топла и заштитна во зима. Покривот, како составен дел од таа обвивка, се изведува еднаш и треба со години да ја врши својата функција без потреба од чести поправки.
Хидроизолацијата може да се спореди со кожата – доколку остане незаштитена и изложена на УВ-зраци и екстремни температури, таа со текот на времето старее, станува кршлива и ја губи својата еластичност. Како резултат, се појавуваат пукнатини и протекување, а последователните поправки често се само привремено решение.
Обратниот покрив – решение за долготрајност
За да се постигне траен и сигурен рамeн покрив, потребно е внимателно планирање и избор на соодветна термоизолација. Кај современите системи, како што е обратниот рамeн покрив, хидроизолацијата е целосно заштитена со слој на нехигроскопна топлинска изолација, која не впива вода и ги задржува своите својства и при постојана влажност.
Овој пристап ја продолжува експлоатационата трајност на покривот, го намалува ризикот од оштетувања и овозможува дополнителна употреба на покривната површина – за пешачење, тераси, зелени покриви или паркинг-простори.
Енергетска ефикасност и помали трошоци
Добро изолиран покрив значи помали загуби на топлина во зима и помала прегреаност во лето. Ова директно влијае врз комфорот на живеење и значително ги намалува трошоците за греење и ладење. Затоа, современите решенија за рамни покриви се клучен чекор кон објекти со ниска или речиси нулта потрошувачка на енергија.


